Женската кадетска репрезентација на Македонија го направи посакуваното и очекуваното победувајќи на ЕХФ шампионатот во Клаипеда во Литванија победувајќи во финалето против селекцијата на Исланд со 27:26. Со ова си обезбеди место во следниот циклус на Европското првенство.
Селекторот Љубомир Савевски е презадоволен. Девојките исполнија речиси сè од она што тој има замислено.
„Во мојата кариера не сум сретнал ваква дружина или како што јас ги нарекувам македонски лавици. Играа со таква храброст, со таква упорност, но и знаење. Со таков голем фанатизам. Неверојатно. За само дваесетина дена тие успеаја да се искачат на врвот на ЕХФ шампионатот.Воодушевен сум. Нивното пеење на химната на крајот од церемонијата треба да се доживее. Овие девојки се гордост за сите нас“, вели Савевски за 24 Ракомет.
Ова им ги отвори вратите на овие девојки во следниот циклус да играат на Европско првенство како младинки, а дел од нив и на ЕП за кадетки. Тоа е секако одлично бидејќи ќе се најдат меѓу најдобрите 16, а секако покажаа дека заслужуваат и максимална поддршка со оглед на тоа што се иднината на женскиот ракомет во Македонија.