Денеска во седиштето на Европската ракометна федерација во Виена беше извршена ждрепката за квалификациите за Европското првенство што во 2022 година ќе се игра во Македонија, Словенија и Црна Гора.
Беа формирани шест групи кои имаат по четири репрезентации, а првите и второпласираните ќе обезбедат место на континенталниот собир.
Селекциите што беа во првиот и вториот шешир не би требало да имаат проблеми да стигнат до нов настап на ЕП, а најинтересно би требало да биде во групата 4 каде што се најдоа селекциите на Франција, Хрватска, Чешка и Украина.
Квалификациите ќе започнат во октомври годинава, а ќе завршат во март догодина. ЕП во 2022 ќе се игра од 4 до 20 ноември, а терминот е различен од досегашните поради Светското првенство во фудбал во Катар што ќе се игра во декември.