Голманот на Вардар, Борко Ристовски беше на првиот тренинг на стартот од подготовките. Тој е оптимист во поглед на она што претстои, а самиот е свесен како и сите други дека претстои многу тежок период.
До крајот на февруари за Вардар претстои навистина пеколен распоред во кој мора да бидат одиграни многу натпревари.
„Конечно после завршувањето на паузата сме на подготовки. Нè очекува тежок месец. Во февруари треба да одиграме десет средби. Мислам дека тоа е она што треба да нè мотивира и да нè држи заедно и сплотени во нашите цели и идеи кои сакаме да ги постигнеме заедно со Вардар. Едноставно оваа пауза ни дојде на сите за да се регенерираме и да се одмориме, да заздравиме од ситните повреди кои ги имаме и што поподготени и посвежи да влеземе во подготовките кои ќе траат дваесетина дена до нашиот прв официјален натпревар“, вели Ристовски.
Тој е оптимист во поглед на резултатите и смета дека можат да го надоместат загубеното од првиот дел на сезоната.
„Имаме тежок распоред во кој мораме да останеме фокусирани и да бидеме цврсто на земја. Тие еден-два натпревари кои ни избегаа во есенската полусезона да ги вратиме и да направиме што е можно подобар резултат за Вардар, а тоа значи и место погоре на табелата. Тоа би донело полесен противник во да кажеме тој бараж од два натпревари така што сè на сè, нас нè очекува многу работа, концентрација, фокус, и да мислиме само на успесите на Вардар и ракометот во Македонија“, вели Ристовски.
Првата средба за Вардар е на 28 јануари против Војводина во СЕХА лигата, а веќе на 1 февруари исто така во СЕХА следува и вториот дуел.