Унгарската екипа, Татабања, која е противник на Еурофарм Пелистер во рамките од Лигата на Европа, пред самите натпревари на европска сцена реши да ангажира ново засилување во својот тим.
Ново име во Татабања е репрезентативецот на Словачка, Лукаш Урбан, кој веќе пристигна во клубот. Раководството на Татабања и словачкиот репрезентативец потпишаа едногодишна соработка.
Ракометарот кој има 26 години игра на позицијата лев бек. Во својата кариера настапуваше за шампионот на Словачка, Татран Прешов, а од минатата сезона стана дел од француски Шарт. Урбан неколку сезони играше во Лигата на шампионите со Татран Прешов и неговото искуство ќе биде од голема корист за екипата на Татабања.
Еурофарм Пелистер на 23 ноември во Битола ќе се соочи со Татабања во Лига на Европа. Реваншот помеѓу двете екипи е закажан за 1 март во 2022 година во Унгарија. Освен Татабања и Еурофарм Пелистер, во групата Д се наоѓаат и екипите на Ним од Франција, Кадетен Шафхаузен од Швајцарија, Спортинг Лисабон од Португалија, како и грчкиот претставник, АЕК Атина.