Натпреварот на неделата во Лигата на шампиони за мажи ги оправда очекувањата и понуди многу динамичен, квалитетен и неизвесен натпревар. Монпелје пред своите гледачи му нанесе пораз на шампионот на Полска, Келце. Во потполно израмнет натпревар победата беше обезбедена со 25:24 со гол во последните секунди од мечот.
Монпелје имаше подобро отварање на дуелот и почетно водство, а во 10. минути беше 5:2. Келце брзо ја неутрализираше негативата пред сè благодарение на одбраните на Вулф кој имаше фантастичен настап во текот на целиот натпревар. Гостите поведоа во 20. минута со 9:8 и успеаја до крај на првиот дел да го сочувааат водството. На полувреме беше 14:12 за Келце.
На почетоток на вторите 30 минути гостите имаа криза во нападот и не успеваа да реализираат што Монпелје го искористи да го врати водството во своја корист. Во текот на целото второ полувреме се играше гол за гол и се влезе во неизвесна завршница. Агинагалде погоди за израмнување во последната минута, но имаше доволно време за Монпелје кој преку Суси реазилираше и стигна до голема победа.
Уго Деска беше најдобриот поединец во екипата на Монпелје со десет погодоци, зад него втор стрелец беше Вилемино со шест гола. Во екипата на Келце, Кулеш постигна пет гола, а Алекс Душебаев беше прецизен четирипати. Андреас Вулф беше одличен со 17 интервенции на голот, но ниту тоа не беше доволно Келце да избегне пораз.