Филип Талески и Жарко Пешевски го заокружија неуспешниот ден за македонските репрезентативци во Бундес лигата и пролетниот дел од сезоната го започнаа со порази откако и претходно Филип Кузмановски загуби со својата екипа.
Филип Талески со Балинген претрпе пораз на гостувањето кај Фуксе Берлин. „Лисиците“ без проблеми го контролираа мечот и стигнаа до сигурна победа од 33:27, на полувреме беше 17:14. Филип Талески натпреварот го заврши со три реализации од шест обиди.
Пикерот на репрезентацијата на Македонија, Жарко Пешевски исто така гостуваше со Штутгарт во 21. коло од Бундес лигата и забележа пораз кај Лемго од 23:27, а по 30 минути игра беше 15:11. Пешевски еднаш се запиша во листата на стрелците.
Со овие порази Штутгарт и Балинген остануваат во долниот дел на табелата со 12 односно 15 бодови и до крајот на сезоната ги очекува голема борба за обезбедување опстанок во Бундес лигата.
Во последниот денешен натпревар екипата на Лајпциг на домашен терен го совлада Ерланген со 26:21, а на полувреме домашните имаа предност од 13:11.