Ракометарите на Охрид продолжуваат со победничката серија, а денеска после голема борба имаа одличен финиш против КЛ 7 и дојдоа до триумф од 27:24.
Младите момци од КЛ 7 се покажаа како одличен ривал во текот на сите 60 минути. Тие парираа долго и се бореа да изненадат против фаворитот на оваа средба.
Од стартот се виде дека охриѓани нема лесно да дојдат до бодови туку дека ќе мораат добро да се испотат. Предноста од гол до два во корист на составот на Охрид беше неутрализирана, а после 6:6 работите добија поинаков тек. Охрид успеа да направи плус три, па дури да има и 15:10 во 24. минута.
Тука дојде до мало опуштање, а тоа беше казнето од гостите, па на одмор Охрид имаше само еден гол позитива и беше 15:14.
Второто полувреме донесе поинаков тек на настаните. Гостите парираа до средина на полувреме, а потоа следуваше мала доминација од домашниот состав и практично решавање на победникот. Од 19:18 беше обезбедено водство на 24:18 и веќе беше јасно дека гостите нема да можат да се вратат.
Намалувањето на три гола беше сè, па Охрид дојде до нови бодови и со 27:24 само потврди уште една победа и веќе има седум од седум. Тимот на КЛ 7 останува и понатаму во позиција да се бори за пласман во плеј-офот.