Охрид го промовираше Младеновиќ

Ракометарот кој беше дел од репрезентацијата на Македонија на Светското првенство во Египет, Михајло Младеновиќ, пред заминување го официјализираше својот трансфер, а денеска беше и официјално промовиран како член на Охрид.

Младеновиќ ја почна својата кариера во младинските тимови на Металург и успеа да стигне до првата екипа, а беше дел од тимот кој пред година и пол играше на Светското првенство за кадети во Скопје.

Младиот лев бек ќе биде засилување за тимот на Охрид за позицијата лев бек, но ќе биде од помош и за одбраната на екипата која есенската полусезона ја заврши на првото место со 12 победи од 12 натпревари.

Ова е прво засилување, а најверојатно ќе биде и единствено во овој преоден рок бидејќи охриѓани се покриени на сите позиции и ќе можат да одиграат на ниво до крајот. Младеновиќ и Даниловски по враќањето од Египет, веќе им се приклучија на колегите.