Некогашната голема надеж на српскиот ракомет, левиот бек Марија Обрадовиќ реши да стави крај на својата кариера.
Искусната ракометарка од октомври 2018 година се мачеше со низа повреди на коленото и претходните четири години одигра мал број натпревари.
Обрадовиќ во својата кариера настапуваше за екипите на Динамо, Раднички, Цепелин, Црвена Звезда, Милениум, Загорје, Крим, Мецинген и Хорсенс.
,,Постојаната болка во коленото и неможноста да играм како пред повредата ме натера да ја завршам кариерата. Имав четири операции на коленото, а телото ми велеше да престанам. Ракометот е жива игра и динамичен спорт, а јас едноставно повеќе не чувствував никакво задоволство поради болката. Ми требаше време да ја прифатам ситуацијата, дека веќе нема ракомет… Сфатив дека е време да се насочам кон нешто друго. Имав голема поддршка од семејството, момчето и пријателите во мојата одлука, а тоа ми значеше многу, бидејќи тоа е најважно. Многу размислував за следниот чекор, а бидејќи дерматологијата и добрата козметика отсекогаш ме интересираа, решив да се посветам на тоа. Се разбира, добро се одморав и неколку месеци правев сѐ што не можев поради ракометот. Сега е време за нови победи, изјави Обрадовиќ за „Балкан Хендбол“.
30 годишната ракометарка со репрезентацијата на Србија настапи на Европското првенство во 2016, како и на Мундијалите во 2017 и 2019 година. Во националниот дрес одигра 45 меѓународни натпревари и постигна 102 гола.