„Не мислам дека има договорање, но има причини за сомнеж“

Пред почетокот на вториот круг на Европското првенство имаше големи реакции околу распоредот, а најгласни беа од Франција. Актуелните шампионки на Европа се бунеа поради тоа што не им одговараше распоредот со оглед на тоа што сметаа дека се фаворизира Данска.

После многуте реакции, почнаа да стивнуваат коментарите, а и последната изјава на селекторот на Франција е таква што вели дека доаѓа до опуштање. Со оглед на тоа што Франција е речиси сигурно во полуфинале веќе нема потреба да се гледа на настаните од таков агол.

„Не мислам дека има некаков вид на договарање меѓу репрезентацијата на Данска и ЕХФ, но за жал има многу причини за ова да постои таков сомнеж. Ми се чини дека ЕХФ треба да посвети поголемо внимание на заедничката работа со тренерите. Имам доволно искуство да се консултирам. Би предложил промена на некои правила. Има многу детали кои би можеле да ги смениме без да влијаеме на духот на играта“, вели селекторот на Франција, Оливие Крубмхолц.

Франција утре во последното коло се соочува со составот на Шведска, додека Данска за ривал ќе ја има селекцијата на Русија.