Нант како брз воз низ Целје

Францускиот Нант ја забележа третата победа во Лигата на шампионите, откако славеше на жешкиот терен во Целје со 35-24. Таму пред две недели падна Кил, но сега словенечкиот првак не можеше против расположениот Иван Пешиќ, кој имаше 15 одбрани.

По почетните 2-2, Нант со серија предводена од Мин и Македа се одлепи на водство од пет гола, 7-2 и ја најави победата. Во целото прво полувреме Целје бркаше негатива, избраниците на Алем Тоскиќ намалија еднаш на минус три, но немаа сили за камбек и на пауза Нант замина со плус шест 20-14.

Тоскиќ проба повеќе варијанти во второто полувреме, но неговите момци тешко доаѓаа до позиција за шут, а и кога ја имаа тука беше голманот Пешиќ. Нант не форсираше премногу, туку само рутински ја задржа предноста и не му остави ниту најмала шанса на Целје да се надева на нешто повеќе.

Најдобри стрелци во победнчкиот тим беа Ејмерик Мин со осум и Александре Калваканти со шест погодоци, а голманот Иван Пешиќ имаше 15 одбрани. Кај Целје се истакнаа Алекс Влах со осум и Тилен Стрмлјан со пет гола.