Европската ракометна федерација на 24 април ќе одличи дали ќе продолжи сезоната во европските купови, која беше прекината поради пандемијата со коронавирусот.
Единствен македонски претставник на меѓународна сцена е европскиот шампион Вардар, кој во јуни треба(ше) да ги игра натпреварите од осминафиналето во ЛШ против ПИК Сегед.
Со секој изминат ден, помали се шансите Вардар да ги продолжи натпреварите и најверојатно ќе биде елиминиран, но не на теренот. Првиот човек на ЕХФ, Михаел Видерер откри дека се прават планови како да биде завршена сезоната, а тоа ќе биде соопштено на 24 април.
„Ќе одлучиме како ќе ја завршиме сезоната. На 25 март го закажавме продолжението за 1 јуни, тогаш тоа изгледаше реално, но се чини дека сега не е можно“, вели Видерер за handball-world.
Завршните турнири се закажани за 22 и 23 август кај мажите во „Ланксес Арена“ во Келн, додека на 5 и 6 септември кај жените во „Ласло Пап Арена“ во Будимпешта. Осминафиналните и четвртфиналните средби ќе бидат откажани во двете конкуренции и најдобрите четири од групите ќе одат на завршните турнири.
Првиот човек на ЕХФ вели дека домаќините нема да се менуваат и ќе биде направено се за да има гледачи на трибините.
„По консултациите со клубовите, се согласивме дека играње пред празни трибини е непожелно. Завршните турнири привлекуваат големо внимание кај навивачите“, заврши Видерер.
Покрај за клупските, ЕХФ ќе треба да донесе одлука и за репрезентативните натпревари што треба(ше) да се играат во март и јуни.