Морк игра одлично, но со страв од нова повреда

Една од најдобрите ракометарки во светот, Нора Морк не може да крене глава од повредите и често се соочува со пауза.

Сепак, на овој шампионат игра во одлична форма и покажува дека успеала добро да се подготви и да ги издржи сите напори кои ги носи шампионатот.

Морк е прв стрелец во досегашниот дел од турнирот, а според тоа како игра може да се очекува да продолжи во ист стил и понатаму. Нема да биде никакво изненадување доколку успее да дојде до првата позиција, но јасно е дека има добра конкуренција.

Таа вели дека игра со страв бидејќи се плаши од нова повреда што го потврдува во изјавата дадена пред одигрувањето на последниот дуел од групната фаза денеска од 20:30 часот против селекцијата на Унгарија.

„Секој ден стравувам да не ми се случи нова повреда. Дури и кога сум на тренинг. Сепак, во моментов сè оди како што треба. Минатите три години се радував кога добивав можност да играм во националниот тим. Ова беше огромна мотивација за мене во периодот на рехабилитација. Често ми се чини дека последните три години како да беа некаков постојан тест за мене и тоа и како личност и како спорт. Научив како да донесувам свои одлуки, па се трудам да гледам позитивно на работите“, вели Морк.

Инаку, Норвешка е сигурна со пласман во полуфиналето и денеска може да се одигра мирно против Унгарија и да се очекува името на противникот за натпреварот кој треба да се одигра в петок.