Матовиќ: Времето не може да се врати назад, но не се разочарувам

Голманот на Струга, Никола Матовиќ, кој беше избран во ол-стар тимот на есенскиот дел од сезоната во Супер машката лига, покажа солидна партија на Европското првенство во Унгарија и Словачка.

Матовиќ заедно со репрезентацијата на Црна Гора стигна до 11 место на континенталниот собир. Членот на Струга ќе го пропушти пролетниот дел од сезоната односно нема да биде на располагање на стружани до крајот на оваа сезона поради повреда, која ја заработи на последниот натпревар во Будимпешта против Исланд. 23-годишниот голман со екипата на Струга има потпишано договор на една сезона.

Матовиќ во разговор за црногорскиот весник „Побједа” потврди дека се враќа на терените дури следната сезона и според него најважно е опоравувањето на оди во најдобар ред.

„Во првиот момент не сакав да излезам од теренот, иако почувствував дека коленото малку ми „прошета“. Мислев дека не е ништо страшно додека моите соиграчи не скокнаа од клупата. Не чувствував голема болка и сите ме охрабруваа дека не е ништо сериозно. Магнетната резонанца покажа дека се оштетени предните вкрстени лигаменти и дури тогаш доживеав шок. До тој момент не ми падна на памет дека може да биде толку сериозно. Се надевам дека за седум до осум месеци би можел да се вратам на теренот. Не се разочарувам, времето не може да се врати назад. Најважно е опоравувањето да оди добро. Не сум ниту прв ниту последен на кој му се случило ова. Познавам „милион“ играчи кои имаа идентична повреда, па успешно ја продолжија кариерата. Убеден сум дека така ќе биде и со мене“, изјави Матовиќ за „Побједа”.

Репрезентативецот на Црна Гора се надева дека со своите колеги од репрезентацијата ќе изборат пласман на Светското првенство 2023. Црна Гора во бараж натпреварот за место на Мундијалот ќе игра против подобриот од дуелот меѓу БиХ и Грција.

„Може да се каже дека ова беше најлошиот момент за повредата. Имавме успешен настап на ЕП, дебитирав и сигурно можев да најдам добар клуб. И македонските новинари и љубителите на ракометот ме избраа за најдобар голман во првиот дел од првенството во Македонија. Дојде времето да се направи вистински чекор, но сега не е време за плачење. Во сè лошо има нешто добро. Млад сум, подобро е што сега ја добив ваквата повреда. Верувам дека ќе се пласираме на Светското првенство и дека во јануари ќе продолжиме таму каде што застанавме на Европското првенство“, вели Матовиќ за „Побједа”.

Никола Матовиќ својата кариера ја почна во Ловќен од Цетиње. На интернационално ниво настапуваше и за клубот од Ниш, Железничар. За него беа заинтересирани Загреб од Хрватска, како и македонскиот суперлигаш, Пролет.

Пех за Струга – остана без голманот Матовиќ до крајот на сезоната!