Македонија ослабена на стартот на ЕХФ шампионатот: Без Седлоска против БиХ

Единствената интернационалка во редовите на младинската репрезентација на Македонија, Андреа Седлоска е неизвесна за настап на ЕХФ шампионатот кој од утре почнува во СЦ „Јане Сандански“ откако вчера на тренинг доживеа повреда.

Седлоска се лизнала при што најверојатно настрадале лигаментите на коленото, но резултатите се очекуваат в недела кога ќе се знае точно дали се работи за сериозна повреда или ќе биде подготвена да настапи на натпреварите во текот на следната седмица.

„Андреа имаше незгода на тренинг и не е во можност да тренира. Таа веднаш направи преглед, но чекаме резултати од магнетната резонанца. Се надеваме на позитивни вести. Сепак, нема да ризикуваме со неа на стартот. Утре против БиХ ќе бидеме без неа“, вели селекторот Љубомир Савевски.

Она што е сигурно исто така е дека нема да биде повикана нова ракометарка.

„Одиме со оние ракометарки кои работеа во последните денови. Тие се најдобро подготвени и можат да одговорат на предизвикот“, рече Савевски.

На првата средба Македонија ќе биде со три голманки, а натпреварот утревечер се игра со почеток во 20:30 часот и се игра во СЦ „Јане Сандански“. Противник е селекцијата на БиХ и ова е шанса за да се стартува со победа на овој шампионат и да се трасира патот кон убав резултат.