Машката ракометна репрезентација на Македонија, првиот настап на Мундијал го имаше во Египет во 1999 година. По усшените квалификации со пет победи (две над Италија, две над Белгија и една над Португалија) и еден пораз (од Португалија), сениорите по ЕП 1998 обезбедија место на уште голем настан.
На СП во групата Б, која се играше во престолнината Каиро, Македонија загуби од Шпанија, Куба, Германија и Египет, а ја победи Саудиска Арабија, па не успеа да обезбеди место во втората фаза.
Тоа беше прв настап на големо натпреварување за Кире Лазаров, а последен за Пепи Манасков. И сегашниот селектор Данило Брестовац беше во ростерот на Македонија. а Зарков, Јовиќ, Петрески, Марковски, Поповски, Петковски и Андоновски сега се тренери.
Составот на Македонија на СП: Кире Лазаров, Пепи Манасков, Стевче Алушовски, Боро Чурлевски, Александар Зарков, Александар Јовиќ, Урош Мандиќ, Томче Петрески, Бранко Ангеловски, Иван Марковски, Слободан Николиќ, Шандор Ходик, Кире Поповски, Зоран Петковски, Данило Брестовац, Горан Андоновски. Селектор на оваа генерација беше Стевче Стефановски, додека тренер Драган Нишевиќ.