Машката репрезентација на Македонија ја очекуваат последните две средби од квалификациите за Европското првенство во 2022 година во Унгарија и Словачка.
Избраниците на Кире Лазаров ги чека гостување кај Финска и домашен натпревар против Швајцарија.
Селекторот Лазаров вела дека нема да бидат опуштени на овие два дуели, иако палсманот на ЕП е веќе обезбеден.
„Колку и да сме опуштени и релаксирани поради тоа што веќе сме на ЕП, мојот и нашиот карактер нема да ни дозволи да се опуштиме максимално. Ние сме победници и сакаме да победуваме, имаме голема желба, љубов и ентузијазам да работиме и да створиме некој нов прозивод. Ќе ги сфатиме максимално сериозно натпреварите против Финска и Швајцарија, не сакам да кажувам дека немаме време. Јас и Миркуловски вчера имавме натпревари, а утре и ние ќе тренираме. Утре тргаме за Финска, ние го искористивме овој ден максимално, знаеме со каков состав ќе игра Финска и знаеме со што може да не изненадат. Имаме уште еден тренинг утре наутро, но ќе одиме чекор по чекор и сега нема да зборуваме за Швајцарија. Ние сме фаворити против Финска, така и ќе се поставиме. Треба да се испочитуваме сами себе, ние сме ракометна нација, и клупски и репрезентативно, така и ќе се поставиме. Секој треба да си преземе одговорност и не треба да помислиме, ниту да дозволиме да се посомневаме дека Финска може или треба да ни направи проблем. Имаме голем респект кон нив, но одиме да победиме“, вели Лазаров.
Десниот бек и селектор вели дека важни се победите, но важно е и вклучувањето на новите играчи во националниот тим.
„Јас секогаш го потенцирам тоа, имаме краткорочни и долгорочни цели. Јас и мојот стучен штаб ќе бркаме победи, и ги посакуваме победите и треба да го наметнуваме тоа, но сакаме и да добиеме некој играч, затоа што свесен сум што не очекува на ЕП. Со краток ростер може ќе издржиме во првиот круг, но посе следува она што го имаме како искуство она што го имаме од минатите години, па затоа и повикувам повеќе играчи, а в четврток ќе ни се приклучат трите резерви. Ќе имаме на располагање 24 играчи, ќе пробаме да го искористиме секој период, секој ден, за да видиме со што располагаме пред ЕП, за да полека ја градиме оваа нова репрезентација. Јас и Миркуловски ќе бидеме тука уште некое време, но треба да мислиме на иднината. Тоа не е лесен процес, меѓутоа ќе се посветиме максимално, голем предизвик е за мене да создадеме една респектабилна национална селекција“, заврши Лазаров.
Мечот меѓу Финска и Македонија се игра на 28 април во Рихимаки од 17:00 часот, додека Швајцарија ќе гостува во Скопје на 2 мај од 18:00 часот.