Новиот соиграч на Кирил Лазаров во екипата на Нант, Србинот Милан Милиќ во интервју за rukometnizurnal.com со јавноста го сподели своето мислење за најдобар состав на сите времиња и најдобрите играчи во овој момент.
Милиќ кој има 22 години беше дел од репрезентацијата на Србија на Светското првенство во 2019 година, а во Нант пристигнува од Металопластика. Милиќ не го криеше задоволството што ќе може да игра со Лазаров кој го смета за свој идол.
„Кирил Лазаров за мене е пример за врвен ракометар. Најдобрата постава на сите времиња според мене ја сочинуваат, Штербик, Абало, Лазаров, Балиќ, Хансен, Дибиров и Фабрегас. Најдобри играчи во моментов се Никола Карабатиќ, Кирил Лазаров, Сандер Сагосен и Микел Хансен, додека од поранешните играчи за најдобри ги сметам Балиќ и Стефансон“, истакна Милиќ.
Милиќ од наредната сезона ќе се приклучи на Нант со кој потпиша договор до 2024 година. Тој би можел да биде заменик за Лазаров на кој договорот со Нант му истекнува на крајот на наредната сезона.