Вардар по пауза од еден месец повторно ќе настапи во Лигата на шампионите. Вечерниот термин во четврток носи голем противник и дуел меѓу два европски шампиона Вардар и Фленсбург.
Корона реалноста ги диктира правилата на игра и ако некогаш во Јане Сандански одекнуваа свирежи за противникот и мотивирачка песна, овојпат „црвено-црните“ ќе се потпрат на своите ракометни вештини и тимскиот дух.
Но ЕХФ дозволи мал број навивачи или поддржувачи на клубот да бидат присутни на трибините во Скопје. Па така ветер во грбот вардарци ќе добијат од стотина спонзори и среќници кои дојдоа до можност да бидат на овој натпревар.
Освен ВИП трибината, публика ќе има и во блоковите 6 и 4, по протокол на строго обележани места.
Вардарци често потенцираат дека за натпреварите во Лигата на шампионите не е потребна дополнителна мотивација, но противниците знаат дека не е сеедно да се истрча пред публиката во „Јане“, па макар била мала и составена од дипломати и бизнисмени…
Билети за овој натпревар немаше во слободна продажба…