Ракометарите на Металург претрпеа пораз на првиот меч од двобојот против Горење со 19:24, а овој резултат ќе биде максимално незгоден за реваншот следната недела во СЦ „Јане Сандански“. Тренерот Зоран Кастратовиќ после средбата даде свое видување за она што денеска беше сработено во „Рдеча дворана“ во Велење.
„Ние игравме тоа што подотвуваме со исклучок на некои индивидуални грешки во пристап кон обврските. Во вториот дел знаевме дека нивното посилно оружје е 5-1 одбрана со Вердинек напред и брза транзиција. Во ова бевме многу добри. Имавме проблеми со реализацијата и требаше да бидеме поконцентрирани во ситуација кога имавме играч повеќе и три разлика. Сепак, мислам дека го контролиравме првото полувреме. Во вториот дел имавме неизградени шутеви од позиции кои противникот знаеше да ги казни најквалитетно со контранапад, а ние послабо се враќавме и дозволивме предноста на противникот да расте. Евидентно е дека со промена на играта во одбрана повторно успеавме да фатиме приклучок и имавме и седмерец на негатива од четири разлика. Генерално немам што да им замерам на ракометарите бидејќи се трудеа и го дадоа максимумот. Ова сигурно вечерва не е најдоброто издание, сметам за сите 60 минути. Треба да направиме надоградба и да направиме сè за да се пласираме во групната фаза“, изјави Кастратовиќ.
Тој смета дека ништо не е завршено и понатаму е на ставот дека сè ќе биде решено на реваншот односно дека Металург и понатаму има шанса за да се пласира во групната фаза од Купот на ЕХФ.
„Можеме да го елиминираме Горење, зошто да не можеме. Во првото полувреме Металург имаше три разлика и напад за четири. По мое мислење овој резултат не е реален за она што се случуваше на терен. Имавме три промашени удари од седум метри. Сликата сигурно ќе беше поинаква со реализација на еден или два од нив. И ние имаме можност да напредуваме во однос на дуелите каде екипата на Горење е поцврста и посилна. Горење физички ги трошеше нашите надворешни играчи. Додека имавме концентрација и нападот беше како што треба, а она што може да не загрижува дека треба уште да учиме да се натпреваруваме. Ние уште не сме натпреварувачка екипа. Сакаме да играме ракомет, но ние треба да победиме ракомет за да одиме во групната фаза“, коментираше Кастратовиќ.
Реваншот се игра в недела од 18 часот во СЦ „Јане Сандански“ кога се очекува Металург да биде на едно повисоко ниво и да се обиде да даде уште повеќе на теренот.