Репрезентацијата на Израел ќе биде ривал на Македонија на последните две тест средби пред заминувањето за Дебрецин на Европското првенство.
Израелците од вчера се во Македонија, одржаа и тренинг во СЦ „Борис Трајковски“, а имаат ростер што е спој на младост и искуство. Предводник на Израел е Олег Ботанко, кој работи заедно во стручниот штаб со Ашаф Леви.
На голманската позиција ги имаат Дан Тепер од францускиот Саран и Јахав Шамир од швајцарскиот Винтертур. Крилните играчи настапуваат во домашните клубови, а треба да се издвојат и левиот бек Адир Коен од Трембле и десниот бек Даниел Мосинди во Саран.
Тука се средните бекови Јоав Ламброзо од францускиот Лимож и Јонатан Дане од германскиот Римпар, како и капитенот Даниел Шекелим од Рамат Хашарон. Израелците се подготвуваат за квалификациите за СП што ќе се играат од петок до недела во Романија.
Натпреварите меѓу Македонија и Израел ќе се играат денеска и утре во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 18:00 часот.