Екипата на Татран Прешов се наоѓа во тешка ситуација со оглед на тоа што не успеа да се врати во Словачка и мораше да го продолжи својот претстој во Украина непланирано на барем еден ден повеќе.
После двата порази од Мотор Запорожје во четврт-финалето од СЕХА лигата тимот на Татран Прешов не успеа да полета за Словачка поради проблеми со авионот.
Речиси исто како и при патувањето и на враќање ракометарите имаат долг период за да стигнат до дома. Тие мораа да останат на аеродромот во Запорожје и не можеа да полетаат за Киев откаде требаше да се упатат кон Словачка. Во меѓувреме не можеа да најдат ниту лет од друга дестинација за да се направи нова конекција, па останаа на аеродромот.
Практично преспаа на аеродром така што ова патување во Запорожје нема да го паметат по убаво.
Тимот на Татран Прешов во саботата загуби со 22:27, а вчера со 19:29 и отпадна во трката за пласман на Ф4 турнирот во Задар каде досега место обезбедија Веспрем (Унгарија), Мешков Брест (Белорусија) и Мотор Запорожје (Украина). Четвртиот учесник ќе го даде утрешниот дуел меѓу ППД Загреб и Вардар.