Ракометарките на најдобрата екипа од минатата сезона во Женската лига до прекинот на првенството, Куманово, претходната недела ги започнаа подготовките за следната сезона.
Во очекување на протоколите за работа во сала, кумановки под водство на тренерот Ненад Краљевски работат на отворено, односно на атлетската патека во градот. Засега на екипата и недостасуваат интернационалките Ана Шарановиќ и Медеа Чокели.
Шарановиќ чека термин да направи тест на коронавирус во Црна Гора каде што се чека од 4-7 дена за да може да влезе во Македонија. Грузијката Чокели има проблем со наоѓање на авионска конекција од Грузија до Македонија. Сè уште е неизвесно кога ќе се комплетира екипата и ќе започне да работи во комплетен состав.
ЖРК Куманово го задржа костурот на екипата од минатата сезона, единствено Леонида Гичевска си замина. Од клубот најавија дека во текот на неделава треба да пристигнат три ракометарки од странство на проба. Главниот ривал Металург исто така се засилува, Чаир и Вардар исто така ќе бидат добри ривали, па неопходно е и Куманово истото да го направи доколку сака да ја задржи доминацијата од претходното првенство.