Во европските купови се одиграа осум натпревари, а некои од нив ги дадоа и патниците во следната рунда. Пласман во следното коло обезбедија Грачаница од БиХ и Иштад од Шведска во ЕХФ купот за мажи.
Вчерашниот тирумф на Грачаница над Одеса во Украина со 28:22 беше доволен за пласман понатаму откако денеска украинскиот тим славеше со 30:26. Исто така Иштад стигна до втора победа над Свиеса од Литванија со 36:29 помина во следната фаза.
Во ЕХФ купот за жени турскиот претставник Муратпаша кој имаше двобој со Феризај оствари и втора убедлива победа од 32:16 и со вкупен резултат 72:31 го елиминираше косовскиот тим. Во вториот дуел се сретнаа турските ривали Јаликавак и Измир, а победник на овој дуел беше домашниот тим со 30:26.
Во Лигата на Европа за жени се одиграа четири дуели, а на некои од нив беше доста интересно. Шпанската Бера Бера на домашен терен одигра нерешено против руската Звезда Звенигород, 27:27. Женскиот тим на Нант имаше сигурно издание против романската Бузау и славеше 23:16.
Вториот француски претставник оствари убедлива победа, Париз 92 го совлада НФК Ник од Данска со 28:16. И третиот француски тим Флери оствари победа со 29:26 над шведскиот Хор.