Ракометарките на Вардар славеа на тешкото гостување во Автокоманда против Металург со 22:21 во натпревар од Женската лига. Дербито ги оправда големите очекувања бидејќи во текот на средбата, двете екипи имаа свои моменти, а во самиот финиш голема неизвесност околу резултатот и победникот.
Избраничките на Драгана Ристова имаа одличен старт. Со головите на Стојановска, Галевска и Трпевска, вардаровиот табор имаше предност од 4:1 по пет минути игра. Сепак, домаќинките успеаја да се консолидираат во своите редови и да дојдат до минус еден, 4:5. Грешките на ракометарките на Вардар во првата половина од првиот дел беа искористени од страна на нивниот противник. Металург со голот на Арсениевска дојде до израмнување на резултатот, 5:5. Вардар одговори со серија од три гола, го зголеми своето водство на 8:5, а подоцна и на плус четири, 9:5.
Пред финишот на првото полувреме следуваше уште една серија од три гола во низа на Вардар за највисоки 13:7. По големата борба на терен, на пауза се замина со резултат 13:8 за ракометарките на Вардар.
Металург во првите две минути од второто полувреме ја подобри одбраната, играта во нападите и стигна на само еден негатива, 12:13. Божиновска со својот прв гол го израмни резултатот на 13:13 во 37. минута. Во истата минута беше побаран и тајм-аут од страна на Драгана Ристова поради лошиот период во играта на нејзините ракометарки. Советите од вардаровата клупа помогнаа за подобрување на резултатот во нивна корист. Со гол од пенал, Вардар имаше 15:13 по десет минути игра во вториот дел.
Вистински пресврт се случи во 43. минута кога Металург дојде до минимална предност од 16:15. Домаќинките повторно направија неколку грешки и овозможија гостинската екипа да се врати во водство. Дополнителен проблем за Металург беше црвениот картон на Ивана Арсениевска поради трите исклучувања. Вардарки на неполни десет минути пред самиот крај имаа предност од 19:17. Во последните пет минути, екипата на Металург повторно дојде до израмнување, 20:20.
До последната секунда имаше неизвеснот, но домашната екипа во својот последен напад промаши од чиста позиција за реми. Екипата на Вардар лесно ги одработи последните десетина секунди и успеа да ја прослави својата осма победа во новата сезона. Најефикасни во редовите на Вардар беа Михаела Стојановска со седум и Ивона Трпевска со шест гола. Во редовите на Металург, Јана Калајџиевска беше прв стрелец со шест гола.
СУПЕР ЖЕНСКА ЛИГА – ГРУПА Б
ТАБЕЛА