Европскиот шампион Вардар против унгарскиот гигант ќе го одигра последниот натпревар за оваа година во Лигата на шампионите.
Во реприза на финалето од завршниот турнир во Келн, момците на Кокшаров, оние кои не се повредени, ќе се соочат со момците на некогашниот член на „црвено-црното“ семејство, Давид Дејвис. Тој очекува жесток натпревар во Скопје.
„Вардар ја освои Лигата на шампиони и тие играат дома, каде што имаат освоено најголем број од бодовите. Имаат многу повреди, како и останатите, но сигурно ќе сакаат да победат на домашен терен. Вардар ќе се бори жестоко на мечот. Салата во Скопје ќе биде исполнета до последно место, а тоа ќе ни биде дополнителен проблем. Нас ни требаат бодови за да ја завршиме годината на што е можно подобра позиција во групата“, изјави Дејвис.
Натпреварот меѓу Вардар и Веспрем се игра в недела, во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:00 часот.