„Да ги добиевме трите нерешени средби, сега ќе бевме зад Вардар и Еурофарм Пелистер“

Тимот на Охрид утре им се враќа на суперлигашките обврски и ќе се обиде со триумф над Пролет да остане во трка за место во Европа.

Десниот бек Денис Тот очекува тежок натпревар, но вели дека неговиот тим ќе атакува на триумф.

„Сигурно ќе биде тежок натпревар, бидејќи двете екипи ќе атакуваме на победа која ни е неопходна во битката за позициите на табелата кои водат во Европа. Сега пред натпреварот што можам да ветам е дека ќе дадеме се од себе, ќе играме максимално мотивирано и ангажирано во текот на сите 60 минути, што се надевам дека ќе биде доволно за победа. Во трите пресметки до сега извојуваме три победи, но тоа ништо не мора да значи, затоа што секој нов натпревар е нова приказна и предизвик“, вели Тот.

Тој додаде дека нијанси и фактот среќа го оставиле Охрид без победа на дуелите со Струга, Еурофарм Пелистер 2 и Бутел, кои завршија со нерешен исход.

„Нам малку ни фалеше трите нерешени средби да ги претвориме во победа, затоа можам да кажам дека и среќата ни го сврте грбот. Со три победи во дуелите во кои освоивме бод ќе бевме во многу подобра позиција и трети на табелата зад Вардар и Еурофарм Пелистер. Сепак, ние не се предаваме и одиме на победа утре против Пролет и на останатите мечеви до крајот на сезоната“, заврши Тот.

По дуелот со Пролет, следува средба во Автокоманда против Металург, па домашни дуели со Струга и Еурофарм Пелистер 2 и на крајот гостински двобој во Битола против Еурофарм Пелистер.