Голден Арт триумфално во Струга

Ракометарите на Голден Арт со победата против Струга од 34:29 дојдоа до вториот триумф во плеј-аут фазата во Суперлигата. За Струга денешниот пораз беше четврти во низа и веќе клубот се наоѓа во опасната зона за испаѓање од македонската елита.

По израмнетиот почеток, односно нерешените 3:3, гостите од Скопје направија серија од 3:0, се одлепија на 6:3 и до крајот на дуелот беа во водство. Голден Арт имаше период, во кој целосно го надигра домаќинот и успеа да ја зголеми предноста. Струга единствено преку Бугариновиќ се обидуваше да се врати во игра, но немаше доволно енергија.

Ракометарите на Глигоров кон средината на првиот дел имаа ,,плус пет” 10:5 и овие пет гола предност за гостинскиот состав беа дополнителен мотив за обезбедување на вториот триумф во борбата за опстанок. Токму во тој момент настанаа проблемите за домаќинот, кој на ривалот му дозволи на ривалот да има доминантна игра во последниот период од првиот дел.

Гостинскиот тим пред финишот од полувремето дојде до највисокото водство од седум гола разлика, 16:9. Струга се обиде да влези во ритам, постигна два гола во низа, намали на 16:11, но Голден Арт по краткиот пад се консолидира и на пауза замина со убедливо водство од 18:11.

Ниту во продолжението немаше резултатска промена, гостинот откако обезбеди седум гола разлика на полувреме, во вториот дел многу полесно играше бидејќи составот на Ферукоски не беше никаква закана. Единствено домаќинот во името на Бугариновиќ и Цветаноски доаѓаше до реализација, на моменти погодуваа Костоски, Ѓуровиќ, Маркоски, но сето тоа беше премалку за било каков отпор во денешниот дуел.

Најефикасен во победничката екипа беше Славе Јанковски со осум погодоци, по пет реализации имаа Давид Даев, Христијан Милошески и Дејан Гошевски. Кај Струга се истакнаа Петар Бугариновиќ и Никола Цветаноски со по шест погодоци.