Германија убедлива, засега ги зачува шансите за полуфинале

Репрезентацијата на Германија денеска дојде до победа од 32:25 на средбата против Унгарија и ги задржа своите шанси за пласман во полуфиналето.

Германките имаа одлична игра во поголемиот дел од средбата и целосна контрола на теренот. Тие знаеја како да ги искористат своите шанси и успеаја да стигнат до водство кое на крајот од првиот дел им донесе плус два, 13:11.

Сепак, овие два гола не беа доволни и мораше да се игра далеку посилно во продолжението за да се оствари целта.

Унгарките се доближија на еден гол негатива на десетина минути до крај. Имаа 21:22, но кога се очекуваше Унгарија да го крене ритамот и да влезе во посилна завршница почна далеку подобрата игра од селекцијата на Германија што резултираше со плус седум и висока победа од 32:25.

Емили Белк со пет гола и Лауенрот и Смитс со по четири беа најефикасните на оваа средба во репрезентацијата на Германија, додека Катрин Гита Клујбер со седум беше прв стрелец на Унгарија и најефикасната на оваа средба.

Со ова Германките сега имаат четири бода и ги задржаа шансите за пласман во следната рунда односно во полуфиналето. Тие ќе треба да играат в понеделник против Холандија, а во вторник со Хрватска и се очекува дуелот со Хрватките да биде решавачки за полуфиналето.