Претседателот на Европската ракометна федерација Михаел Видерер најави дека во блиска иднина профитот на клубовите од европските настапи значително ќе се зголеми. Веќе од наредната година се очекува победникот да заработи еден милион евра, а во иднина наградите уште ќе растат.
„Очекувам дека во блиска иднина победникот во Лигата на шампиони ќе заработи минимум еден милион евра, а во женска конкуренција нешто помалку. Но според нашата деловна стратегија за 10 години клубовите би требало да заработуваат четири пати повеќе“, рече Видерер.
Тој говореше и за потребата од подигање на квалитетот на женскиот ракомет и воопшто зголемување на конкуренцијата.
„Ни требаат силни женски клубови и конкуренција, затоа што е потребна дополнителна поддршка во развојот. Во секој случај посилната конкуренција на домашно ниво ќе помогне во развојот и на машкиот и на женскиот ракомет“, продолжи претседателот на ЕХФ.
Видерер е задволен од неговото четиригодишно постигнување како претседател и смета дека се на вистинскиот пат, но и дека е многу тешко да се достигне популарноста на фудбалот.
„Процесот продолжува, задоволен сум од досега сработеното, ракометот се развива бројките растат. Но стратегијата што ја развиваме бара подолг период на имплеметација. Дефинитивно сме на вистинскиот пат и добри сме во она што го работиме. Сакам да го видам тоа еден ден ракометот да биде популарен како фудбалот, но мора да бидеме реални, ракометот е многу тежок спорт. Многу покомплексен, поради правилата и бројот на активностите на мал простор кои не секогаш е лесно да се разберат. Јас го сакам фудбалот, играм, гледам и немам ништо против него но тој е поденоставен и затоа привлекува повеќе луѓе. Ние сме спорт на училиштата, универзитетите, спорт за луѓе кои се способни за сложени работи“ заврши Видерер.