После само 30 минути игра во СЦ „Јане Сандански“ на првиот дуел од осминафиналето од Лигата на шампионите тимот на Вардар има негатива од десет гола и резултат од 11:21 против тимот на Веспрем.
Иако средбата имаше добар почеток за „црвено-црните“, сепак, почетните пет минути беа само загревање. Гостите набрзина добија неколку исклучувања, но тоа не ги исфрли од колосек, па веќе во 10. минута резултатот на семафорот беше 2:5.
Овие три гола негатива беа најава за натпревар во кој ќе биде тешко да се следи играта на противникот. Коралес влезе во одличен ритам и бранеше речиси сè. Тоа отвори простор за брзо да се дојде до висока предност. Веќе после 20 минути игра резултатот беше 6:12 и тука веќе беше тешко да се следи и да се дојде до нешто повеќе.
Шутевите кои почесто завршуваа во голманот на Веспрем придонесоа за во продолжение од средбата гостите од Унгарија уште повеќе да ја зголемат предност, а во 25 минута негативата веќе беше и девет гола, 7:16 и тука стана и повеќе од јасно дека овој натпревар е загубен. Со ова уште рано стана јасно дека и двобојот со Веспрем тешко ќе може да биде добиен.
Две минути подоцна негативата првпат стана и двоцифрена и стана уште потешко на теренот. Мораше да се ризикува, но тешко се доаѓаше до голот на Веспрем. На одмор се замина со 11:21 што е најлошиот резултат во први 30 минути на некој натпревар сезонава од Лигата на шампионите.
Со пет гола најефикасен во редовите на Вардар е Иван Чупиќ, додека два гола има Гоце Георгиевски. По еднаш прецизни беа Дисингер, Гаџа, Стоилов и Валчак. Во редовите на Веспрем најмногу погодоци во првите 30 минути има Јахја, кој постигна шест гола, додека Маргуч петпати погоди во голот на Вардар.