Веспрем лесно го освои Порто

Ракометарите на Веспрем остварија лесна победа над португалскиот првак Порто со 24-31 во 11. коло од групата фаза во најелитното европско клупско натпреварување, Лигата на шампионите.

Избраниците на Давид Дејвис уште на стартот покажаа кој е кој на овој натпревар и поведоа со 0-5. Порто успеваше да намали во два наврати на минус три, но Веспрем ја одржа разликата и на пауза замина со водство, 9-14.

Во вториот дел упорните домаќини стигнаа и на минус еден, 15-16, пропуштија две шанси за реми, а унгарскиот тим го казни тоа. Повторно се одлепи на 15-20, по голот на Дејан Манасков и на петнаесетина минути до крајот немаше дилеми околу победникот.

Само рутински беше задржана предноста и Веспрем победи со 24-31. Најдобри стрелци кај победникот беа Борозан со шест и Гајиќ со четири голови, додека Манасков даде два гола од два обиди. Кај Порто се истакна Бранкињо со пет погодоци.