Унгарскиот гигант Веспрем пред настапот на завршниот турнир од Лигата на шампионите објави за продолжување на договорите со дел од клучните играчи.
На прес конференција беше соопштено дека Блаж Благотинштек, Владимир Цупара, Мануел Штрлек, Андреас Нилсон и Мате Лекаи, чии договори истекуваа на крајот од оваа сезона, се продолжени за две сезони и ќе останат најмалку до крајот на 2023 година.
Некогашниот вардарец Рожерио Мораес, кој ја игра втората сезона во Веспрем, а има активен договор до 2022, го продолжи договорот за уште две сезони и ќе остане до крајот на 2024 година.
Лауге Шмит, Вуко Борозан и Кент Робин Тонесен, исто така веќе се во преговори за продолжување на соработката со унгарскиот првак.
Веспрем на 28 декември во полуфиналето на Ф4 ќе игра против бундеслигашот Кил и ќе се обиде да го повтори успехот од претходниот завршен турнир кога играше против Вардар во финалниот двобој.