Се уште актуелниот европски шампион Вардар веќе една недела е на распуст, бидејќи беше одложен натпреварот со ПИК Сегед што требаше да се игра во текот на вчерашниот ден.
Поголемиот дел од интернационалците веќе се во своите земји, а дел од нив се на репрезентативните собири (Валчак веќе одигра два дуели за Полска). Зимскиот распуст на „црвено-црните“ ќе трае до 11 јануари.
Тогаш е закажан првиот собир во 2021 година, но Вардар ќе биде преполовен бидејќи ќе отсуствуваат Јотиќ, Гаџа, Чупиќ, Векиќ, Дисингер, Вујин, Валчак, како и дел од македонските репрезентативци што ќе бидат повикани за собирот во јануари.
Првиот официјален натпревар вардарци ќе го играат на 1 февруари против хрватскиот Нексе Нашице во рамките на СЕХА лигата.
Еурофарм Пелистер исто така е на пауза од понеделникот, а според планот на Жељко Бабиќ, „фармацевтите“ ќе се вратат во сала на 8 јануари. И во Битола ќе има отсуства на стартот на подготовките и веројатно нема да бидат присутни Мандалиниќ, Радовиќ, Вегар, Периќ, Граџан, како и дел од македонските репрезентативци.
Првиот официјален натпревар битолчани ќе го играат на 6 февруари на гости кај Загреб, додека на 9 февруари ќе имаат средба од Лигата на Европа против унгарската Татабања.