Братскиот двобој во Битола за поискусните!

Денес во Битола се одигра братскиот дуел меѓу екипите на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2 во рамки од 10. коло од плеј-оф фазата во Супер лигата.

Според очекуваното, првиот тим на Еурофарм Пелистер ги освои планираните три бода, откако со подобрата игра во второто полувреме беше поуспешен од вториот тим со 31:26.

Младите ракометари на Зарков парираа во првиот дел и во четири наврати беа во минимална предност (4:3,7:6,8:7,9:8). Првиот тим на ,,фармацевтите” никако не можеше да го скрши отпорот на упорниот помлад брат, кој имаше сили само за 30 минути игра. Еурофарм Пелистер пред финишот од првиот дел со неколку мини серии започна да се одлепува и на полувреме замина со предност од ,,плус два” 15:13.

Во продолжението дојде до израз квалитетот на македонскиот вицепрвак. Избраниците на Јовиќ победата ја обезбедија уште по десет минути игра во вториот дел кога дојдоа до 24:16 и рутински го одработија остатокот од дуелот. Во 45-та минута црвен картон поради три исклучувања заработи Мохамед Суси.

Најефикасен во победничката екипа беше Ненад Костески со осум погодоци, додека кај Еурофарм Пелистер 2 прв стрелец беше Павле Петровиќ, постигна седум погодоци, по пет запишаа Стефан Талевски и перспективниот Марко Димовски.