Сè уште актуелниот селектор на Босна и Херцеговина, Билал Шуман најверојатно ќе биде сменет од селекторската позиција, откако заменик претседателот на федерацијата објави некои детали во врска со селекторот.
Според зборовите на заменикот претседател на федерацијата на БиХ и претседател на федерацијата на Република Српска, Маринко Умичевиќ, селекторот нема важечки договор. Покрај тоа БиХ би можела да биде казнета бидејќи ја предводел тренер без потребната мастер-коуч лиценца.
„Ракометниот сојуз на Република Српска стои на ставот дека приказната со Шуман е завршена одамна. Тоа што го пишуваат неговите медиуми е класично замајување на народот бидејќи тој нема никаков договор со федерацијата. Инсистирав на тоа да му исплатиме дневници за службени патувања и натпревари, но тој никогаш не достави жиро сметка, секогаш бараше да му биде исплатено на друго име. Секако тоа е надвор од законските рамки и јас не го одобрив тоа“, рече Умичевиќ за „Глас Српске“.
Дополнителен проблем за федерацијата на Босна и Херцеговина би можело да биде тоа што Шуман ја предводи репрезентацијата, па ја нема потребната лиценца, како што вели Умичевиќ се очекува ЕХФ да изрече казна за ова.
„Сега очекуваме казна од ЕХФ бидејќи на Европското првенство ја предводеше репрезентацијата без потребната лиценца. Воедно ќе побарам против Шуман да биде поднесена кривична пријава поради фалсификување договор и злоупотреба на печатот заради потпишување нелегален договор за спортска опрема“, заврши Умичевиќ.