Ракометарите на Еурофарм Пелистер ја забележаа третата победа во регионалната СЕХА лига, откако славеа на незгодното гостување кај Металопластика во Шабац со убедливи 27-34.
Во првото полувреме битолчани отворија со водство 1-3, но потоа домашните возвратија за 4-3. Беше нов ред на избраниците на Бабиќ за 4-6, а до крајот на полувремето стигнаа и до плус три, 13-16, но погоди Тодоровиќ и на пауза се замина до 14-16.
Стартот на вториот дел беше клучен за победата на Еурофарм Пелистер. Најпрво Мандалининќ обезбеди плус четири, 15-19, а потоа и Костески зголеми на 16-21. По 18-21, одбраната на битолчани на чело со Чаневски не прими гол цели десет минути, а реализираа во нападот и веќе беше 18-27.
До крајот се броеја само головите, а тренерот Бабиќ им даде шанса за настап на сите ракометари, кои рутински ја одржаа високата предност за конечни 27-34.
Битолчани ги чекаат многу предизвици во следните две недели и борба на три фронта. Два дуели со Магдебург, па домашни дуели со Бутел и Вардар, пред новата СЕХА обврска против Татран.