Многу реакции предизвика потегот на челниците на Европската ракометна федерација да ги презакаже завршните турнири во Лигата на шампионите на крајот на август во машка, и на почетокот на септември во женска конкуренција.
Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер вели дека понудиле две ситуации – ако може да се игра, и ако не може да се игра поради коронавирусот.
„Ние направивме физибилити студија и имаме две решенија. Наша одговорност е како лидери на овој спорт да понудиме солуции. Завршните турнири ќе се играат во август и тоа е безбедна опција. Со неиграњето натпревари клубовите немаат приходи, а ист случај е и со ЕХФ, како и нашите партнери во Будимпешта, Берлин и Келн. Тоа беше причината што ние како федерација, први објавивме нови датуми за разлика од фудбалот и ние ќе направиме се што е во наша моќ да ги организираме сите настани“, вели Видерер.
Многумина се прашуваат како може завршниот турнир од сезоната 2019/20 да биде старт на сезоната 2020/21 и некои играчи може да играат за различен клуб од оној со кој го обезбедиле местото на Ф4.
„Како прво, досега ниеден клуб нема место на Ф4, па прашањето е само теоретско. Сите овие прашања ќе бидат одговорени од наша страна за кратко време. Нашата следна цел ќе бидат анализите на организациските и техничките услови базирани на нашите регулативи. Како и да е, најважно е дека продолжуваме со подготовка на сите завршни турнири“, продолжи Видерер.
За играчите, играње на завршен турнир само неколку седмици пред стартот на новата сезона, во период за подготовки, не е идеално решение.
„Дозволете ми да прашам – а што е идеално во моментов? Сите работиме да го задржиме квалитетот на нашиот спорт и се надеваме дека ракометот ќе се врати наскоро во салите и на ТВ екраните. Во соработка со ИХФ, ќе се потрудиме да го направиме календарот за следната година. Се надевам дека Олимписките игри нема да бидат закажани на пролет, бидејќи тоа може да има негативен ефект на СП во Египет и секако на ОИ, на ракометот. Тоа не е посакувана опција за никој“, заврши Видерер.
Првите натпревари под капата на ЕХФ се закажани за почетокот на јуни, кога треба да се одиграат осминафиналните средби во Лигата на шампионите и квалификациите за ЕП во женска конкуренција.