Бабиќ: Очекувам во наредните две недели да играме во подобра форма

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги завршија подготовките во Хрватска со скор од една победа, една реми и еден пораз, против Горица, Целје и Загреб.

Тренерот Жељко Бабиќ е задоволен од односот на играчите и очекува уште повеќе да расте формата.

„Ракометарите одлично се ангажираа деновиве. Во текот на сите натпревари покажавме задоволителен интензитет. Задоволен сум, иако ни недостасуваше реализација. Очекувам во наредните 10-15 дена да играме во подобра форма. Тоа е очекувано, со оглед на големата пауза. Исто така ни фалат неколку играчи, кои беа дел од репрезентацијата. Верувам дека за првиот дуел во пролетната полусезона во СЕХА лигата ќе бидеме комплетни. Се надевам дека ќе започнеме успешно. Добро се презентиравме на овие натпревари против силни противници. Одличен потег беше да се дојде тука во Хрватска. Им дадовме шанса на ракометарите кои играа помалку и тие добро се претставија. Посебно, сакам да го потенцирам настапот на Кукуловски. Покажа дека е голем потенцијал и Еурофарм Пелистер заврши голема работа што го доведе во клубот. Очекувам во текот на сезоната да го развие својот потенцијал и еден ден да дојде во македонската репрезентација“, изјави Бабиќ.

Првиот официјален натпревар во пролетниот дел од сезоната за битолчани ќе биде дуелот од СЕХА против Загреб.