Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре ќе се најдат на нов предизвик во Лигата на Европа откако ќе се судрат со тимот на Магдебург во осминафиналето од натпреварувањето.
Средбата се игра во Битола, но поради добро познатата ситуација нема да има присуство на публиката.
„Мислам дека остваривме многу добар резултат, сите сме горди на пласманот во осминафиналето. Среќни сме што ни доаѓа моќна германска екипа како Магдебург, екипа која е во врвот на првенството на Германија. Но, во спортот не се живее од минатото, па ние ќе направиме сè добро да се презентираме и да најдеме што е лоша страна на Магдебург“, изјавува Бабиќ пред утрешниот дуел.
Веќе ја има простудирано играта на Германците и добро знае каде ќе треба да се нападне, а откаде ќе доаѓа најголемата опасност.
„Тие играат многу брзо, имаат брза транзиција и брз проток на топка. На сите надворешни позиции имаат пониски ракометари, кои се моќни во играта ‘еден на еден’. Магдебург има крила кои скокаат од мали агли и имаат висок процент на реализација. Имаат и подвижна одбрана и можам да набројувам уште многу работи. Тие неслучајно се втори во Бундеслигата, но ќе повторам уште еднаш: Без оглед на сите нивни квалитети, ние ги знаеме нивните слабости. Секој противник има свои слабости и со ментална агилност ќе ги пореметиме и верувам дека тие ќе имаат големи проблеми во Битола. Оптимист сум и покрај тоа што игравме многу натпревари и имаме повредени ракометари. Никој не е фаворит во Битола против Еурофарм Пелистер!“, вели Бабиќ.
Средбата се игра утре од 20:45 часот во салата Боро Чурлевски во Битола.