Алушовски: Кога игра дома Вардар е фаворит, не бегаме од таа улога

По триумфот над Војводина, ракометарите на Вардар ги очекува нов натпревар во регионалната СЕХА лига.

Ривал на македонскиот тим ќе биде незгодниот Нексе Нашице, кој славеше на последното гостување во август во Скопје.

Сепак тренерот на Вардар, Стевче Алушовски смета дека неговиот тим е фаворит на секој домашен натпревар.

„Нексе е многу посериозен и поквалитетен противник од Војводина, ако се сеќавате Нексе славеше во Скопје во претходната сезона во СЕХА лигата, што би бил добар показател да видеме колку напредуваше Вардар од тој дуел до овој што е пред нас. И претходно сум кажал, но и сега ќе повторам – во СЕХА лигата Вардар секогаш е фаворит на свој терен и не бегаме од таа улога. Нексе е квалитетен противник, го анализиравме, имаме два дена, но мислам дека Вардар е подготвен за овој предизвик и ќе се претстави во уште подобро светло од она со Војводина“, изјави Алушовски.

Натпреварот меѓу Вардар и Нексе се игра утре во 20:15 часот во СЦ „Јане Сандански“.