Тимот на Алкалоид ја забележа втората победа во Првата лига, откако оствари триумф на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров со убедливи 22-36.
Само на стартот беше 2-2, а потоа се беше во знакот на гостинскиот тим. Уште по првиот дел стана јасно која екипа ќе ги собере бодовите, со оглед на тоа што Алкалоид поведе со 10-19.
Второто полувреме не донесе никаква неизвесност и гостите доминираа на теренот за триумф со 14 погодоци разлика.
Најдобар стрелец кај Алкалоид беше репрезентативецот Игор Ѓорѓиев со десет гола, а по пет постигнаа Мартин Серафимов и Теодор Тодески. Кај домаќинот се истакнаа Мартин Велковски и Антонио Николовски со по четири гола.