Возбудливото шесто коло во Лигата на шампионите кај дамите донесе низа дерби-дуели и изненадувања. Актуелниот европски шампион Ѓер ја продолжи својата перфектна серија, додека Оденсе, Есбјерг, Глорија Бистрица и Дебрецин славеа важни победи.
Во групата А, Ѓер го доби дербито на непоразените, совладувајќи го Мец. Фантастичната Хатаду Сако блесна со 24 одбрани и 47% успешност, носејќи му ја на Ѓер шестата победа во низа, додека Мец ги загуби првите бодови по пет последователни победи. За разлика од нив, другата француска екипа, Брест Бретањ, продолжи со одличната форма и убедливо ја совлада Подравка, останувајќи непоразен и по шест кола.
Словенечкиот Крим забележа втора победа по ред, откако по слабиот почеток го презеде водството и славеше на гостувањето кај Сола во Норвешка. Дебитантите од Норвешка сè уште ги чекаат првите бодови во елитата по шест кола. Унгарскиот Ференцварош дојде до четвртата последователна победа благодарение на блескавата Кинга Јанурик, која имаше 41% успешност на голот против Икаст.
Во групата Б, Оденсе конечно го пронајде рецептот за победа над ЧСМ Букурешт на гостински терен, славејќи со 36-30. Виола Лохтер беше херој со 8 гола и 3 асистенции, заслужувајќи го МВП признанието на овој дуел. Есбјерг остана на максимум дома по убедливиот триумф со 36-29 против Борусија Дормтунд. Данскиот тим беше предводен од најдобриот стрелец на натпреварувањето Хени Реистад, која постигна 8 погодоци и стигна до вкупно 45 сезонава.
Романската Глорија Бистрица го запиша првиот триумф против Будуќност со 29-26 благодарение на силниот финиш и одличната Рената де Аруда, која повторно блесна со 16 одбрани (38%). Иако романскиот тим губеше со три гола на паузата, направи комплетен камбек во вториот дел. Во Норвешка, Дебрецин направи сензација, совладувајќи го Сторхамар со 30-28.
Лига на шампиони, 6 коло, резултати:
група А
Сторхамар – Дебрецин 26-29
Есбјерг – Борусија Дортмунд 36-29
Будуќност – Глорија Бистрица 26-29
Ѓер – Мец 31-27
група Б
ЧСМ Букурешт – Оденсе 30-36
Брест Бретањ – Подравка 33-25
Ференцварош – Икаст 27-24
Сола – Крим 28-35


























