Македонија ја очекуваат два меча со Словенија во квалификациите за ЕП 2026, а селекцијата на Урош Зорман со изменет ростер ќе допатува во Скопје.
Нема да играат Ферлин, Овничек, Митја Јанц, Зарабец, Цехте, Хенигман…но и покрај тоа Зорман ќе има квалитетни играчи на располагање – Блаж Јанц, Влах, Благотиншек, Лесјак, Макуц…
Зорман вели дека преполните трибини во СЦ „Борис Трајковски“ ќе бидат голема мотивација за Македонија.
„Ни претстојат два многу важни натпревари со Македонија. Очекуваме многу од нив. Тие се секако многу сериозна репрезентација, што е докажана во последниве години, кога постојано се во подем. Македонците вложуваат многу во ракометот и негуваат брз, модерен ракомет. Сигурно ќе играат пред преполни трибини, што ќе биде голема мотивација за нив, но и ние сме навикнати на многу работи и овие работи не треба да влијаат на нас или да станат оправдување“, изјави Зорман.
Првиот меч меѓу Македонија и Словенија се игра на 12 март во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:00 часот, додека вториот меѓусебен дуел ќе се игра во салата „Бонифика“ во Копер на 16 март од 18:30 часот.