Поради здравствени проблеми, некогашната македонска репрезентативка Зорица Десподовска, реши да ја заврши кариерата.
Таа ја започна во Скопје, а богато искуство стекна во повеќе европски лиги – настапувајќи во Турција, Шведска и Германија. Имаше забележителни настапи за националниот тим на Македонија, како и во сите европски натпреварувања, вклучувајќи ја и Лигата на шампиони.
Во 2016 година се пресели во Полска, прво играше за Пјотрковија, а во 2019 потпиша за Кобержице, каде остана до крајот на кариерата. Веќе во првата сезона освои историски бронзен медал, а потоа придонесе за уште две вицешампионски титули и Купот на Полска во 2022 година. Вкупно, во својата колекција има шест медали во Полска.
„Ако треба да бидам искрена, најдобро се чувствував кога играв во Полска. Овде стилот е нешто помеѓу нашиот, македонски, и скандинавскиот начин на игра, што многу ми одговара. Но, најважни се луѓето – во Полска се чувствував како дел од тимот, не како странски играч кој доаѓа само да ја заврши својата работа. Кога пристигнав во Пјотрковија, девојките веднаш ме прифатија, иако не знаев полски. Тоа ми помогна брзо да го научам јазикот. И во Кобержице атмосферата е неверојатна,“ изјави Десподовска.
Десподовска го носеше дресот на Кобержице 145 пати, постигнувајќи 541 гол, а во 2023 година таа доби полско државјанство.
По сезоната 2023/2024, Десподовска се подложи на операција на коленото и од тогаш се бореше за целосно опоравување. И покрај долгиот процес и огромниот труд, беше принудена на нова операција, што ја оддалечи од терените целата сезона 2024/2025.
Последните лекарски прегледи покажале дека повредата е уште посериозна и бара уште една интервенција, поради што таа одлучи да стави крај на професионалната кариера.
„Ова не беше лесна одлука. Својот последен натпревар го одиграв без да знам дека тогаш се простувам со теренот. Долго време се борев и верував дека ќе се вратам. Но, ова е веќе моја четврта операција за само една и пол година. Дојде моментот кога морам да прифатам дека има нешта кои едноставно не можат да се надминат. Сè уште се навикнувам на тоа дека кариерата заврши. Сега ми е најважно да се опоравам и да бидам здрава. Сакам од срце да им се заблагодарам на сите навивачи за поддршката и убавите зборови низ сите овие години. Благодарение на вас имав сила да се борам. Тажно е што ова е крајот, но во исто време сум среќна што ја завршувам кариерата токму тука – во овој клуб, со овие луѓе и овие прекрасни навивачи,“ заврши Десподовска.























