Србинот Жикица Милосављевиќ би можел да седне на клупата на МРК Куманово и да се врати таму каде што како играч остави длабока трага. Тој беше на трибините на средбата од супер лигата меѓу Куманово и Прилеп, а низ градот веќе се зборува дека е можно и негово седнување на тренерската клупа.
Куманово е во тешка ситуација, резултатите не доаѓаат, поразите се редат, а тие се на претпоследното место, со само две победи, и двете против Радовиш. На последниот меч кумановци несреќно загубија од Прилеп со гол примен во последната секунда, што само ја продлабочи резултатската криза.
Кумановци сезоната ја почнаа со Аце Станковски, кој беше сменет, но ниту таа промена не донесе ништо ново, бидејќи продолжија поразите. Одмана е вклучен алармот во клубот. Потребен нов авторитет и човек што знае што значи да се биде дел од Куманово – а Милосављевиќ изгледа како логичен избор.
Раководството активно бара тренер кој ќе го стабилизира тимот, ќе ја крене соблекувалната и ќе внесе јасна тактичка структура. Милосављевиќ, поранешен ракометар на Куманово и едно од препознатливите имиња на регионалниот ракомет, е меѓу главните кандидати.
Неговата разделба со Црвена звезда на почетокот на ноември беше јасен сигнал дека е слободен за нов предизвик. По слаб старт на сезоната во Србија, со серија порази и само неколку освоени бодови, управата на белградскиот клуб реши да ја прекине соработката.
Доколку дојде до договор, ангажманот на Жикица Милосављевиќ би бил порака дека Куманово е подготвен да реагира сериозно, со тренер кој го познава клубот, има искуство на високо ниво и може да донесе ред во хаосот. Сега топката е кај управата – а јавноста будно чека официјална потврда, дали посетата на Милосаљвиќ на Куманово е само „пријателска“ или има и „бизнис позадина“.

























