Светското првенство за жени ќе се одржи во декември во Германија и Холандија, а генералниот секретар на Европската ракометна федерација, Мартин Хауслајтнер, верува дека токму женскиот ракомет претставува најголемата можност за развој на овој спорт.
Женскиот спорт глобално е во подем, и ракометот треба да го искористи тој тренд, истакна Хауслајтнер на конференцијата за женскиот репрезентативен спорт.
„Женскиот спорт има најголем потенцијал за зголемување на бројките на федерацијата во иднина.“
Успешна основа – Европското првенство 2024
Минатогодишното Европско првенство во Австрија, Унгарија и Швајцарија беше вистински успех.
Со 204.977 гледачи, тоа беше второто најпосетено првенство во историјата на женскиот ракомет.
„Имавме возбудлив турнир, полни арени, огромна медиумска покриеност и незаборавен завршен викенд со фантастични натпревари“, изјави Хауслајтнер.
Тој смета дека токму натпреварите на националните селекции се клучни за ширење на интересот и афирмација на спортот.
„Кога националниот тим излегува на теренот, се создава емоција и идентификација. Тоа инспирира навивачи и отвора можности за кампањи, како оние поврзани со одржливост.“
Високи економски ефекти и планови за иднината
Според ЕХФ, Европските првенства носат и значајни економски бенефити за сите засегнати – организатори, федерации и клубови, кои потоа ги користат средствата за развојни проекти.
Следното Европско првенство ќе се одржи во 2026 година во Турција, Романија, Словачка, Чешка и Полска. Хауслајтнер се надева дека тоа ќе биде нов чекор напред кон зголемување на атрактивноста на женскиот ракомет.
Како основни приоритети се издвоени – организирање на високопрофилни настани, усогласен календар на натпревари, соработка меѓу федерации, клубови, лиги и играчи…
Германија подготвена за Мундијалот
Овие цели ги има и Германската ракометна федерација, која во декември ќе биде домаќин на Светското првенство заедно со Холандија. Интересот е веќе голем – билетите за натпреварите во Штутгарт каде ќе игра домаќинот се веќе распродадени.