Со доаѓањето на Дејан Милосављев во полскиот Келце јасно е дека Србинот ќе биде голманот број еден. Од актуелното трио – Адам Моравски и Бекир Чордалија, како и Клемен Ферлин чиј договор истекува, само еден ќе продолжи во Келце.
По престојот во Германија, Моравски лани летоска се врати во Полска, но не во Плоцк, туку потпиша договор со најголемиот ривал Келце. Во своето деби во Суперкупот на Полска, токму против Висла, одбрани пенал, а таа интервенција се покажа клучна и му го донесе трофејот на тимот од Келце.
Иако во Суперлигата настапуваше солидно, Моравски не ја покажа очекуваната класа во Лигата на шампионите. Слична беше ситуацијата и со Бекир Чордалија, па улогата на прв голман ја презеде Словенецот Клемен Ферлин, кој се наметна со сигурни настапи.
Иако се очекуваше дека договорот на Ферлин нема да биде продолжен, тој беше поврзуван со трансфер во Вардар, но неговата одлична форма ја смени сликата и Душебаев сака да го задржи како број два зад Милосављев.
За тоа да се реализира, според „Преглед Спортови“, неопходно е заминување на Моравски. Според истите извори, раководството на Келце веќе започнало потрага по клуб кој би бил заинтересиран за ангажман на поранешниот полски репрезентативец. Доколку се пронајде решение, Ферлин ќе остане во клубот.
Во исто време, извесно е и дека Бекир Чордалија, кој има договор со Келце ќе замине на позајмица, а трет голман во наредната сезона треба да биде некој од подмладокот на клубот.

























