Селекцијата на Данска славеше против Исланд со 31-28 во второто полуфинале и се пласира во натпреварот за злато на домашното Европско првенство. Пред скоро 15.000 Данци во „Јуске Банк Боксен“ во Хернинг, „рибарите“ пружија отпор четириесетина минути, но потоа домаќините носени од публиката го надиграа ривалот и не дозволија изненадување. Во финалето, Данска ќе игра против Германија, а ова е петти пласман за момците на Јакобсен во дуелите за злато. Два пати досега освојуваа титули – на ЕП 2008 и на ЕП 2012 година.
Исланѓаните на стартот на мечот поведоа со 6-3 и покажаа дека нема да бидат лесен залак за светскиот и олимписки првак. Питлик и Гидсел почнаа да погодуваат и Данска се врати набрзина во мечот.
Поведоа домаќините на ЕП со 9-8, но Исланд секогаш израмнуваше и се играше гол за гол. На паузата, Данците со реализираниот пенал на Хансен заминаа со предност, 14-13, откако Гунарсон во последната секунда не погоди.
Во ист стил продолжи и второто полувреме кога Мелер го замени непрепознатливиот Нилсен на данскиот гол. Се вжешти играта на теренот, имаше исклучувања во серија, но имаше и шест израмнувања на резултатот во серија до 19-19.
Тогаш Арнолдсен го раздвижи данскиот напад, Гидсел погоди за највисоки плус три, 23-20. Мелер му фати зицер на Рикардсон на стартот на последните десет минути и кога Ландин казни за плус четири, 27-23, веќе беше јасно во кој правец оди мечот.
На овој дуел, селекциите немаа многу помош од голманите – кај Данска, Нилсен и Мелер фатија шест удари, а кај Исланд, Халгримсон запиша исто толку интервенции. Меѓу стрелците, Гидсел даде седум за Данска, а Торкелсон и Смарасон исто толку пати погодија за Исланд.
Во финалето Данска ќе игра против Германија в недела од 18:00 часот, додека претходно од 15:00 часот за бронзата ќе се соочат Хрватска и Исланд, кои веќе играа и во главната рунда на ЕП.


























