Зарков: Навивачите ќе видат младост, острина и многу трчање – ќе уживаат во нашата игра

Тимот на Еурофарм Пелистер 2 меѓу првите суперлигаши ги започна подготовките за претстојната сезона.

Избраниците на Александар Зарков се вратија во елитната конкуренција по само една сезона со максимален број победи.

Зарков ги сподели очекувањата пред официјалниот старт на подготовките.

„Еурофарм Пелистер 2 ќе биде ист како минатата сезона. Ќе нè одликува брза и борбена игра, сите се релативно млади и полетни, па ништо не „им тежи“ да трчаат 60 минути. Со доаѓањето на новите играчи како што се Шулески, Баптист од Франција кој игра десен бек, добивме многу во два правци. Продолжуваме со ист систем, цврсто и тврдо во одбрана, со многу трчање и транзиција. И во нападот ќе играме агресивно. Овие два-три денови ќе ги искористиме за прегледи и воведни тестирања. В понеделник одиме на подготовки во Пехчево каде што ќе го имаме базичниот дел од подготовките, а по враќањето ќе продолжиме со техничкиот дел. Сакаме да влеземе во ритам пред турнирот во Прилеп, а имаме договорено пријателски натпревари со Куманово (16 август) и Младост Богданци (19 август) во Битола пред настапот на турнирот „Миле Нешкоски“. Навивачите ќе можат да видат младост, острина и многу трчање, ќе уживаат во ракометот“, изјави тренерот Зарков.

Зарков ќе смета на десет засилувања за наредната сезона – младинските репрезентативци Славчо Шулески и Јован Даневски (Тиквеш), потоа на Баптист Одифред (Даипо Стип, Јапонија), Илија Илијевски (Вардар Неготино), како и на Мелин и Алдин Фехми, Иван Велески, Леонид Лозановски, Лука Ѓорѓиевски, Андреј Дамчевски и Стефан Лазаревски кои дојдоа од младинската екипа.